Интервју со Зоран Милошевски

Интервју со Зоран Милошевски

Зоран Милошевски е автор на четири научно-фантастични романи „Сага за Тројство“, „Истапени сечила“, „Бунар оловни солзи“ и  „За Грст пекол“. Примерок од неговите дела од серијалот „Последна граница“ можете да нарачате  на  https://bit.ly/3XBLTlm и истите ќе ги добиете со посвета од авторот.

За љубопитните следачи на Урбан Небула, Зоран Милошевски одговара на неколку згодни и незгодни прашања.

Еве што ни кажа научно фантастичниот романописец Зоки:

УН: Од каде љубовта кон пишаниот збор?

ЗМ: Всушност, љубовта кон пишаниот збор не беше нешто во кое се заљубив. На тоа (од денешен аспект) гледам како на трпеливо насочување од страна на моите родители, се додека сиот тој процес на читање и потреба за читање не се претвори во навика.

УН: Имаш ли напишани но необјавени дела и колку?

ЗМ: Не е објавен само четвртиот дел од серијалот „Последна граница“. Романот е пред завршување, но сакам уште малку да поработам на финесите. Исто така и петтиот и последен дел од серијалот е во понапредна фаза, но околу него не брзам. Сакам да биде навистина grand finale.

УН: За која возраст се наменети/ препорачани твоите романи?

ЗМ: Реално би можеле да ги читаат од сите возрасти, но поради насилството и бруталноста со кои се одликуваат на одредени места (сепак се работи за еден вид на милитаристичка НФ) јас би ги препорачал за читатели над 14 години.

УН: Зошто баш научна-фантастика?

ЗМ: Секогаш викам дека научната-фантастика ме избра мене, но со текот на времето се претвори во обострана и возвратена љубов. Сум се обидувал и со други жанрови, но никогаш не бев премногу упорен. Научната-фантастика е нешто што навистина ми лежи и уживам да го работам. Научната-фантастика едноставно нема граници (Има! Но, за мене се занемарливи и творам во нив, без да ги нарушам).

УН: Кога би бил лик од роман, кој би сакал да бидеш?

ЗМ: Кога веќе прашавте… Искрено, никогаш не сум се поистоветувал со некој лик, било од моите или од други дела. Но, кога би бил, мислам дека би бил некој помалку патетичен лик како поетот Бессонов од „Одење по маките“ на Алексеј Толстој.

УН: Дали имаш женски лик-херој, и кој?

ЗМ: Хероите, машки или женски, никогаш не оставале долготраен печат врз мене. Може да ме држат некое време доколку се добро обработени, можат дури и да влијаат врз моето пишување во одреден момент и нежно да ме насочат, но никогаш не сум се врзувал за нив. Но доколку би требало да изберам, тоа би биле женските ликови од „Куќа на седум жени“ од Летисија Вашовски, која го обработува периодот на Фаропилската револуција во Бразил во првата половина од 19тиот век. Од поновите, Кристофер Паолини одлично го долови ликот на Кира Васкез во „Да се сонува во морето од ѕвезди“. Што се однесува пак до моите дела, ги имам доволно и во серијалот и во „Сага за Тројство“. Секогаш тоа се силно изградени ликови, кои не се само за „покажување“ или „појава“, туку се носители на самата приказна и успешно ја водат. Сепак се работи за романи чие дејство е во иднината и (претпоставено) сите предрасуди кои сега нѐ гушат како општество се одамна надминати (вклучувајќи ја и поделбата на полови).

УН: Која книга си ја прочитал во еден здив?

ЗМ: Многу ги имало, но прва која ми паѓа на памет е „Кодот на Да Винчи“ од Ден Браун. Одлично се сеќавам дека ја прочитав во еден ден.

УН: На кој јазик најчесто ги читаш книгите?

ЗМ: Бидејќи многу рано ја засакав научната фантастика, повеќето издадени дела морав да ги читам на српско-хрватски. Во старата СФРЈ, многу енергија се посветуваше на научната-фантастика и истата беше силно афирмирана и имаше огромна читачка публика. Само колку за информација, Артур Кларк беше најпреведуваниот автор во Југославија. На македонски НФ литературата беше ограничена на неколку едиции и многу брзо ја изгустирав. И ден денес, поголемиот дел од она што го читам е на српско-хрватски, дел поради класиците на кои не можам да им одолеам, дел поради новитетите од областа на НФ кои се објавуваат во соседството. Во Македонија има сосема поинаков концепт за издаваштво и читање, во кој не би навлегувал сега, но преводите на поголемите светски НФ дела се нула.

УН: Колку често купуваш книги?

ЗМ: Често. И веќе станува проблем. Мислам, не се шегувам, живеам во постара куќа и тежината на библиотеката веќе сериозно се одразува врз интегритетот на градбата. Буквално ја искривува.

 УН: Се живее ли во Македонија од пишувањето на научно фантастични романи?

ЗМ: Не. Мислам и воопшто само од пишување е тешко да се живее. Пишувањето кај нас ви доаѓа како некоја комбинација од ентузијазам и дополнителна дејност.

УН: Ќе бидат ли твоите романи преведени на некој друг јазик?

ЗМ: Искрено се надевам. Преводот на едно дело на друг јазик, исто како и второто издание е само начин на отелотворување на успехот, потврда за вложениот труд. Секој автор сака да знае дека неговото дело е читано и дури и најмалата потврда носи неизмерно задоволство. Сепак, да се напише една книга потребно е многу труд и посветеност, и може да се случи да помине навидум незабележано.

УН: Доволно ли се снабдени книжарите кај нас со нови наслови?

ЗМ: Да. Мислам дека понудата сосема соодетствува со читачката побарувачка.

УН: Имаш ли автор/и  кој е твој идол?

ЗМ: Искрено на ниту еден автор не сум гледал како на идол, но радо би го издвоил Френк Херберт за автор кој имал најголемо влијание врз мене. А, од авторите чии дела со задоволство ги конзумирам би ги издвоил и Ден Симонс, Артур Кларк, Исак Асимов, Луис Мекмастер Бижол (авторката на сагата за Воркосиган), Лајош Зилахи, Леон Урис, Достоевски и ред други.

УН: Кој жанр НАЈмалку го читаш?

ЗМ: Најмалку? Книги за самопомош и книги со докажано „лити“ дејства.

УН: Ги селектираш ли луѓето на читачи и нечитачи?

ЗМ: Можеби тоа е единствената предрасуда која ме одликува. Мислам не е пресудно за понатамошната комуникација, но мене ми е многу важно. Доколку знам дека некој е читач или дека сака да чита, едноставно ќе имаме неисцрпни теми за разговор. А. читачите секако се поголеми слушатели од нечитачите. Средбата на двајца (или повеќе) вљубеници во пишаниот збор може сериозно да влијае врз физичките закони, особено во делот на забрзаното течење на времето.

УН: Омилена книга од детството

ЗМ: Да не звучи како клише, ама верувале или не тоа беше „Големата авантура“ од Лазо Наумовски. Официјално, првото научнофантастично дело од македонски автор, иако се работи за детска литература. Што знам, можеби тоа беше орозот кој ми ја одреди иднината. 😊

УН: Им читаш ли приказни за добра ноќ на твоите деца?

ЗМ: Редовно. Сѐ уште сме на литература за деца, приказни и незаобиколивата „Зоки Поки“ по која лудуваат, но постепено правам (засега неуспешни) обиди да им подметнам нешто друго.

УН: Дали Зоран е строг родител?

ЗМ: Навистина се обидов, но брзо ми ја пробија маската. Сега се обидувам со поинаков пристап, со променлив успех.

УН: На скалата од од 1-99 која е поддршката од твоето семејство за творењето?

ЗМ: На почеток беше 4, сега е 11. 😊

УН: Која книга си ја прочитал повеќе од три пати?

ЗМ: „Песни од далечната земја“ од Артур Кларк, барем три пати едно по друго, а потоа уште неколку пати низ годините. Тука некаде е и „Дина“ од Френк Херберт.

УН: Кој е твој најголем критичар?

ЗМ: За почеток – јас самиот. Безмилосен сум и секој напишан лист поминува барем низ два филтри пред да го предадам на второ мислење. Потоа тука се моите бета читачи, кои ги „ловат“ печатните грешки кои мене ми избегале, нелогичностите (доколку ги има), несовпаѓањата со остатокот од романот и сл. Тоа е, да се обидам да ви доловам

попластично, како да подготвувате и печете торта, сите работите предано и откако ќе ја испечете, оној кој ќе ја вкуси ќе го даде последното мислење. Во случајов тоа е читателот.

УН: Дали се сметаш за конфликтна личност?

ЗМ: Не знам. Можеби… Мислам не. Или пак… Се трудам да избегнувам, но некогаш едноставно не можам да им одолеам…

УН: Од каде прекарот Бурекот?

ЗМ: Верувале или не, ама мојот прекар нема никаква врска со козумирањето на односната послатица. Бурекот како храна не е ни во моите 20 омилени јадења. 😊

Се започна како обична шега во средношколските денови, некое глупаво довикување, па јас како се подналутив, па почнаа од чист инает така да ме викаат и… остана. Со тек на време го прифатив.

УН: Егзотична наредна дестинација која би сакал да ја посетиш

ЗМ: Ги има неколку. Сакам да го видам Либан и цела Африка под екваторот.

УН: Како се справуваш со стресот?

ЗМ: Невозможно е да воспоставиме целосна контрола врз стресот, од проста причина што навлегува како вода во брод кој тоне, од сите страни. Јас успевам одлично да се справам со оние стресови за кои мислам дека би нанеле најмногу штета врз мојот  интегритет како личност. Но секогаш има нешто ново, нешто за кое не сме биле подготвени, а кога ќе ги прилагодиме штитовите и за него, доаѓа нешто друго… Наше е да се бориме и да се прилагодуваме. Од друга страна, колку и да звучи идилично, живот без нималку стрес целосно би го спуштил нашиот гард и би не направил ранливи и на најмала промена.

УН: Ги делиш ли работите на машки и женски?

ЗМ: Не! Само тоалетите…

УН: Те иритираат ли “лекторираните’’ книги со еден куп печатни грешки?

ЗМ: Ме иритираат и печатните грешки во моите први ракописи. Но, тоа е нешто за кое знам дека подоцна ќе биде средено од некој кој сиот свој живот се подготвувал за тоа. Кога еднаш делото ќе излезе од печат е предоцна и веќе не се работи само за обична печатна грешка или превид на авторот, туку за потфрлување на лекторот.

УН: Доколку книгата е филмувана, дали прво гледаш филм па читаш книга или обратно?

ЗМ: Секогаш првин книгата. Иако, литературата и филмската уметност се два различни поими, бидејќи надразнуваат сосема други сетила. При читањето книга, ние сами го градиме светот со кој се сретнуваме и тоа е една поврзаност помеѓу читателот, книгата и авторот. Тоа е една интимна врска. Додека, при гледањето филм директно визуелно ни е сервирана верзијата која режисерот ја доживеал/замислил. Тоа ви доаѓа како еден вид филтер.

УН: Добиваш ли коментари дека дејствието во твоите романи требало да се одвива поинаку?

ЗМ: Секако. Секогаш сум отворен за предлози и насоки и со задоволство ги сослушувам. Што не значи дека ќе ги прифатам. Ама да, културно ќе ги сослушам и ќе ги разгледам, дури и најбаналните забелешки.

УН: Што сметаш за твое најголемо достигнување?

ЗМ: Тоа што успеав да создадам еден огромен, гломазен и самоодржив свет како оној во „Последна граница“ и да го запишам на хартија точно онака како што го замислив. Свет кој зрее, еволуира, живее и дише во секое ново продолжение. Кога ќе ги прочитате книгите ќе сфатите на што мислам.

УН: Што би им порачал на оние што воопшто не читаат книги односно немаат време за читање на книги?

ЗМ: Искрено мислам дека не постои такво нешто како „немање време“, тоа е само изговор за оние кои не сакаат да читаат. Оние кои навистина сакаат да читаат, ќе пронајдат време, додека оние кои читаат само на плажа, бидејќи е фенси за фотка на ФБ се друга приказна. Јас работам по осум часа дневно во три смени + три часа патување, и во минатата ‘22ра година успев да ископам време и за семејството и за пријателите, и да напишам 250 страни и да прочитам 45 книги. Не ми зборувајте за немање време. Жртвата е голема, но времето е како гума, растегливо. Барем засега, додека го имаме.

И за крај, со оглед на тоа дека твоето прво дело „Сага за Тројство“ е комплетно распродадено, кога може да очекуваме повторно да биде достапна?

ЗМ: „Сага“ е моето прво објавено дело и ја сметам за една од најубавите и најкомплетните приказни. Откако ќе го завршам серијалот, планирам повторно да ѝ се посветам и да ја реиздадам целосно преработена. Се надевам за неколку години од сега.

Доколку помеѓу Вас наши верни НЕБУЛОВЦИ има некој што е со слична пасија кон пишаниот збор,  како што е Зоран, слободно можете да му се обратите за мислење, совет или конструктивен дијалог.

И по објавувањето на Вашите дела немојте да заборавите да ни пишете за да Ве интервјуираме и вас со неколку слични прашања.

Тимот на Урбан Небула

 

No Comments

Leave a Comment

Your email address will not be published.